Фармацевтската компанија Модерна објави дека развива нова вакцина во една доза, која комбинира засилувачка доза против Ковид-19 со експериментална вакцина против грип.
„Веруваме дека имаме голема можност пред нас, ако можеме да пласираме високоефективна, општа годишна анти-респираторна вакцина на пазарот“, рече извршниот директор на Модерна, Стефан Бансел, за време на презентацијата на која инвеститорите беа запознаени со развојот на лекови.
„Веруваме дека Модерна би можела да биде прва на пазарот со оваа многу важна можност“, рече тој, пренесува Ројтерс.
Компанијата веќе спроведува клинички испитувања на вакцини против респираторни заболувања за возрасни лица.
Исто така, се додава дека овој производител на лекови веќе има неколку вакцини за грип во развој.
Новата вакцина комбинира експериментална вакцина против грип, која е во најоддалечената фаза на развој, заедно со нивната вакцина против Ковид-19, пренесува Радио Слободна Европа.