Секој што се надева дека смртта на 57-годишниот Хаи Шаулијан ќе ги натера неговите поддржувачи да побрзаат и да се вакцинираат, ќе биде разочаран. Врз основа на реакциите на неговите следбеници на социјалните медиуми, се чини дека смртта на Шаулијан не ги промени нивните ставови, пишува израелскиот портал Хаарец.
Хаи Шаулијан или попознат како еден од лидерите на антиваксерските движења во Израел почина од ковид-19, пренесоа повеќе израелски медиуми. Шаулијан, кој бил хоспитализиран со тешка клиничка слика и приклучен на кислородна поддршка до последно ги убедувал своите следбеници на социјалните мрежи дека вирусот е лага.
Како што јавуваат израелските медиуми, педесет и седумгодишниот Шаулијан починал во неделата во Медицинскиот центар во Холон.
„Секој што се надева дека смртта на 57-годишниот Хаи Шаулијан ќе ги натера неговите поддржувачи да побрзаат и да се вакцинираат, ќе биде разочаран. Врз основа на реакциите на неговите следбеници на социјалните медиуми, се чини дека смртта на Шаулијан не ги промени нивните ставови“,пишува израелскиот портал Хаарец.
Шаулијан, во саботата ги информирал своите следбеници на Фејсбук дека се наоѓа во многу лоша состојба, но ги повикал да продолжат да се спротивставуваат на медицинскиот естаблишмент.
„Јас сум во многу сериозна состојба. Не сум способен да зборувам или да одговорам на пораките. Верувам дека ќе го поминам ова, продолжете да се борите“, напишал тој.
Според истражување што Министерството за здравство на Израел го објави на почетокот на август се покажува дека невакцинираните повозрасни лица имаат над пет пати поголема веројатност да доживеат тежок случај на ковид-19 отколку оние кои се вакцинирани.
Според истото истражување, Министерството регистрираше 85 тешки случаи на ковид-19 на 100 000 луѓе меѓу невакцинираните лица постари од 60 години, наспроти 16 на 100 000 луѓе меѓу целосно вакцинираните.
За оние на возраст под 60 години, стапката на тешки заболувања кај невакцинираните изнесува 1,4 случаи на 100 000 луѓе, што е 2,8 пати повеќе од 0,5 на 100 000 кај оние кои примиле две дози од вакцината.