Цените за летување на црногорското приморје во главната туристичка сезона ќе бидат за 30 отсто повисоки од лани, анализира српското „Радио слободна Европа“, потенцирајќи дека на порастот на цените најмногу влијае инфлацијата која во Црна Гора лани изнесуваше 17,2%, додека од почетокот на оваа година цените пораснаа за околу 14%.

Здружението на издавачи на приватно сместување очекува нивните цени да бидат повисоки за 10 до 30 проценти во главната сезона. Од таму велат дека сè уште не се опоравени од пандемијата, кога немале ни субвенции ни програми за поддршка, а сега им е натоварена и инфлацијата.

Според податоците на Туристичката организација Будва, просечните цени за двокреветна соба во приватно сместување во главната сезона ќе бидат од 20 до 50 евра по лице, а апартманите за четири лица од 50 евра и повеќе, во зависност од категоријата и локацијата.

Просечната цена на трокреветен апартман моментално во Петровац, пак, се движи од 15 до 35 евра, додека во Будва од 20 до 40 евра.

Ќе има и лански цени

Сепак, има издавачи кои гледаат деловна логика во одржувањето на ланските цени. За Зоран Драговиќ од Петровац неопходно е цената да се прилагоди на просечната платежна моќ на гостите од регионот.

Не можам да му кажам на редовен гостин: сè поскапе, па морам да ја покачам цената за 30 проценти. Наместо тоа, ќе преземам на себе барем половина од инфлацијата, вели Драговиќ за РСЕ, додавајќи дека „подобро е да изгубиш илјада од десет илјади, отколку да не добиеш ништо“.

Хотелиерите претпазливи со цените

Од Црногорското туристичко здружение наведуваат дека хотелиерите годинава ги покачиле цените за околу десет проценти, но дека сè уште се поевтини од конкуренцијата во Хрватска или Грција.

Во Будва има околу 140 хотели, а услугите во нив ќе бидат за седум до дваесет отсто поскапи во главната туристичка сезона, соопшти локалната туристичка организација.

Просечната цена по лице во хотел со три ѕвезди ќе биде од 28 до 46 евра, а кај оние од повисоката категорија од 37 до 140 евра. Ноќевање со појадок во хотели со пет ѕвезди ќе чини од 160 до 270 евра по лице.

Туристите за претсезоната

Бевме на северот на Црна Гора, во Жабљак, и таму е исклучително евтино, а сега сме веќе една недела на брегот каде што цените се малку повисоки, но сепак е навистина многу поволно за нас, вели Сузан од Велика Британија во анкетата на РСЕ, додавајќи дека Дубровник е „двојно поскап“.

Олга и Николај од Москва го посетија Порто Монтенегро, каде понудата е ексклузивна, па цените се поскапи од просечните, но велат дека иако рестораните и продавниците се прилично скапи, во градот има доста поевтини понуди.

Сања и Ана не гледаат разлика во цените во Нови Сад каде што живеат и во Будва каде се на одмор.

Понуда за поплиток и подлабок џеб

Разновидноста на цените е најочигледна во угостителската понуда, бидејќи таа варира во зависност од локацијата и квалитетот. Од угостителското друштво Будва очекуваат во главната сезона нивната понуда да биде за десет отсто поскапа од пред една година.

Во Будва, најпосетуваниот град на црногорското приморје, можете да нарачате кафе на Словенска плажа за дури 1,40 евра, додека во најпознатото градско кафуле појадокот е 3,5 евра, а пицата, салатите и тестенините се по 8 евра.

Оние кои сакаат да се почестат во некој од рестораните во Стариот град можат да нарачаат лигњи, гамбора или октопод од 16 до 20 евра, а риба од прва категорија за 40 евра за килограм.

Има клиенти и за скапи ресторани, како оние во Порто Монтенегро, каде познати готвачи подготвуваат ручек или вечера од шест јадења за 85 евра, а има и ресторани кои нудат гастрономски деликатеси како јапонското говедско вагу, кое чини 600 евра за килограм.

Нови цени и на плажите

Во првите недели од мај повеќето плажи не наплаќаат за чадор и лежалки, но од здружението на закупци велат дека цените во текот на главната сезона ќе бидат за 10 до 20 отсто повисоки од лани.

Тоа се должи на повисоките трошоци за работна сила, повисоките банкарски каматни стапки и инфлацијата, изјави за РСЕ Петар Делиќ од Улцињ, кој повеќе од 20 години е закупец на „Велика плажа“.

Лани изнајмувањето чадор со две лежалки чинеше 8 евра во претсезона, а 10 евра сред лето. Балдахинитр се изнајмуваа дневно за 10 до 30 евра.

Сите плажи под консесија на црногорското приморје имаат дел наменет за посетители кои не сакаат да изнајмуваат лежалки и чадори, или имаат свои, а лежалките и чадорите се бесплатни за користење после 17 часот.

За оние кои претпочитаат да шетаат низ градот во костим за капење има нов трошок.

Имено, од ова лето ќе биде забрането шетање во костими за капење во реонот на Стариот град и по улиците на Будва. Оние кои нема да ја почитуваат таа одлука ќе платат казна од 200 евра.