Босанската актерка Сања Буриќ ненадејно почина неодамна во Сараево на 48 -годишна возраст, јавуваат босанските медиуми. Последните информации велат дека Сања починала како последица од мозочен удар.
Еден од нејзините блиски пријатели ја потврди веста и рече дека убавата актерка ненадејно починала.
Родена е на 10 март 1973 година. Таа играше на сцената на Народниот театар Сараево, Камерен театар 55 и беше вонреден професор на Академијата за изведувачки уметности.
Во култниот филм на Пјер Залика „Кај чичко Идриз“, таа ја играше Шејла.
Ќе остане запаметена по улогите што ги играше во бројни телевизиски и филмски продукции како: “Crna hronika”, “Grbavica”, “Dobro uštimani mrtvaci”, “Viza za budućnost”, “Na putu”, “Teško je biti fin”, “Ljeto u zlatnoj dolini”, “Pun mjesec”…
Колегата на Буриќ, Сенад Башиќ изјави за порталот „Аваз“ дека Сања ќе остане во неговите убави спомени.
– Отсекогаш соработувавме и работевме прекрасно. Верувајте ми, јас често знам да кажам дека старите луѓе гледаат како младите умираат. Дојде некое погрешно време, вели Башиќ.
Башиќ и Буриќ работеа заедно на еден од најпопуларните филмови во Босна и Херцеговина – „Кај чичко Идриза“, во режија на Пјер Залика, каде Сања го играше ликот на Шејла и Сенад на Фукет.