Северна Македонија прогласи тридневна жалост во четвртокот, еден ден по страшниот пожар што го уништи одделението за пациенти со „Ковид-19“, при што загинаа најмалку 14 лица во малата балканска земја погодена тешко од пандемија на коронавирус, пишува хрватскиот весник „Вечерњи лист“.

– Според локалните медиуми, меѓу загинатите се татко и син (28) од блиското село Синичане кај Тетово. Тие беа во таа Ковид болница, бидејќи и двајцата имаа корона вирус. Според македонските медиуми, таткото во моментот на пожарот скокнал врз својот син за да го спаси од оганот, бидејќи тој не можел да оди, но не успеал. И двајцата починаа – прегрнати. Пред тоа, почина и неговата сопруга, пишува „Вечерњи лист“

– Друга трагедија се случи кога ќерката, исто така од блиско село, отиде да ја спаси својата мајка од споменатата болница, но не успеа. Влезе во болница и не можеше да излезе. И двете загинаа. Според неофицијални информации, ќерката се верила и требало да има венчавка, но нејзиниот живот завршил предвреме, пишува хрватскиот весник.

– Луѓето врискаа внатре, рече за АФП Сабедин Елмази, жител на Тетово, сиромашен град во северозападниот дел на земјата каде што се случи оваа трагедија во средата вечерта.

-Пожарот беше насекаде, рече тој, се уште под впечаток на катастрофа.

Премиерот Зоран Заев рече дека тоа е „огромна трагедија“ и изрази жалење за „големиот број загубени животи“. Тој најави истрага за причините за несреќата, што се случи на денот кога поранешната југословенска република слави 30 -годишнина од независноста.

– Пожарот избувна по сеуште необјаснета експлозија во модуларен систем неодамна поставен во болничкиот центар во Тетово, град со 52.000 жители, претежно припадници на албанското малцинство. Околу целосно изгорената зграда беше воспоставена безбедносна зона, на поцрнетите влезови каде што се движеа полицајци, истражители и пожарникари, пишува „Вечерњи лист“

– Живеам на оваа улица 40 години. Роден сум тука. Она што вчера се случи никогаш не сме го виделе, изјави Неџмедин Алити за АФП.

– Се се случи многу брзо. Пожарот избувна нагло. Се обидов да влезам таму каде што беше пожарот, но ништо не можев да направам, вели тој.

Државното обвинителство им нареди на здравствените служби да извршат обдукција на 14 жртви, додавајќи дека ќе треба да се направи ДНК анализа за да се идентификуваат некои жртви.

„Истражуваме за да видиме дали има повеќе мртви“, порача државното обвинителство, додавајќи дека „никој од медицинскиот персонал не е меѓу загинатите“.

Министерството за здравство повика на „брза и ефикасна истрага“ за причините за пожарот, истакнувајќи дека нема грешка во изградбата на модуларниот оддел за „Ковид-19“.

– Се уште не е познато колку пациенти биле сместени во одделение со 35 кревети. Пожарот избувна набргу по прославата на годишнината од независноста на Северна Македонија во Скопје, со парада на армијата и полицијата и концерт на државната филхармонија. Противпожарната служба, која добила пријава за пожарот околу 21 часот по средноевропско време, соопшти дека го изгасила за 45 минути, се заклучува во текстот на „Вечерњи лист“.