Вечерва нема полициски час, но летните тераси на кафеаните и кафулињата ќе работат до 20:30 часот, согласно одлуката на Владата од 27 април. Утревечер во 21 часот, повторно ќе стапи на сила ограничувањето во движење од 21 до 5 часот.
Владата одлучи дека од 28 април полицискиот час важи од 21 до 5 часот, а исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај за време на Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за Рамазан бајрам. Новите мерки важат до 15 мај.
На новинарско прашање каква логика има во еден ден да се укине полициски час, а веќе од наредниот ден пак да се воведе, министерот за здравство Венко Филипче неодамна одговори: „Многу е важно чувството на граѓаните. Да потенцирам, здравствената состојба ја дозволува оваа мерка. Верските заедници земаа обврска да водат сметка за време на празнувањето и собирањето за верските празници“.