Не поминаа ниту месец дена од средбата меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, опозицискиот лидер беше виден на протестите на кои беше побарано ослободување на т.н. „бранители на Уставот“ односно на учесниците во настаните во 27 април. Запрашан за присуството на неговиот политички опонент на протестот, Заев одговори дека тоа е или забеганост, или соучесништво. Но, првиот човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на годишнината од настаните од 27 април, изрази сомнеж дека меѓу власта и македонската опозиција има договор за некаков вид амнестија, анализира ТВ 21.
„Сите тие ги амнестираа главните виновници за 27 април, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ. Заедно го одложија пописот ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Да не заедно и подготвуваат сценарио за постепено да креираат и да ги амнестираат хулиганите, бандитите и вагабонтите кои денеска се тука внатре?“, рече претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
Премиерот Заев вели дека никогаш не разговарал за амнестирање на осудените за случувањата од 27 април со опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, но сепак, сѐ повеќе се зборува за повторно судење. Пред два дена, на оваа тема зборуваше Претседателот, Стево Пендаровски во гостување на национална телевизија. Вели дека е можно да има повторно судење на случајот доколку има нови докази, но додава дека не мисли дека се терористи оние кои таа ноќ влегле во законодавниот дом.
Дека квалификацијата „терористички акт“ е премногу тешка, во 2018-та тврдеше и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој изјави дека не би се согласил со квалификацијата „тероризам“ за настаните од 27 април.
„Да квалификуваш терористичко дело – тероризам е најтешката категорија. Јас разбирам дека 27 април беше тежок настан, но не тероризам“, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Кривичниот суд на 15 март 2019 година ја изрече пресудата за 16-мината вмешани во настаните од 27 април. Во февруари годинава, Апелациониот суд ја усвои одлуката по жалбите и делумно ја потврди пресудата за кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, намалувајќи им ги казните на осудените за неколку години.