Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев на својот фејсбук профил се прости од директорката на детската градинка „Мајски цвет“, Ангела Ангеловска Усовска.

Денеска згасна животот на нашата Ангела Ангеловска Усовска, директорка на детската градинка „Мајски цвет“.

И јас и општината ќе ја паметиме пред сѐ како извонреден човек, ведра личност и голем работник.

Да не беше Ангела немавме да имаме и толку успеси на полето на детската заштита и предучилишното образование во Карпош.

Заедно го отворивме објектот „Јасмин“ во Тафталиџе 2, а минатата година ја реконструиравме и „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.

Секогаш насмеана, многу креативна и ненаметлива… Чекор пред времето, како во воведувањето на здраво мени по градинките и современи дидактички материјали, така и во односот со кадарот, родителите, со сите нас.

Ангела, ти благодарам за тоа што ми беше соработник. Чест ми беше што те познавав и што заеднички сработивме многу.

Си отиде највредниот „мајски цвет“, но ги повикувам сите вработени во градинките да го продолжат нејзиниот пат, да се грижат за дечињата и условите, како што Ангела тоа го правеше.

Изразувам искрено сочувство до семејството. Загубата е голема. Ангела зад себе остави резултати за два животи, кои се вредни за целата заедница. Јас лично, но и општината остануваме на располагање на семејството.