Ова е куќата во која минатата ноќ е убиен 40-годишен велешанец. Осомничена за убиството е 23-годишна девојка со која тој живеел. Го прободела со нож директно во срцето.

Според едни, живееле вонбрачно, според други, биле во брак. Најверојатно, нетрпеливоста е причина за злосторствто. Велешанецот синоќа, половина час пред полноќ дошол во куќата, а три часа подоцна, неговата партнерка повикала брза помош.

– Во 2:30 часот добивме повик за лице, прободено со нож на улица Максим Горки бр. 190. Се работи за машка особа на 40 години. Нашата екипа излезе на лице место и веднаш и констатира насилна смрт, со прободување со нож во граден кош, велат од Итната медицинскла помош во Велес.

Лекарите повикале полиција, која на местото на убиството ја затекнале девојката, а потоа и ја привеле.

Убиениот бил вработен како полицаец во СВР Велес. Соседите раскажуваат дека бил конфликтна личност, а зад себе имал неколку неуспешни бракови. Сепак, синоќа не слушнале ништо сомнително.

Парот живеел заедно уште од кога девојката наполнила 18 години, а според кажувањата на соседите за СДК.мк, таа му била трета сопруга.

„Ништо сомнително не слушнавме, не се случуваше ниту гужва, ниту повици за помош. Тој беше полицаец, живееа заедно 4-5 години, но не беа во брак. Таа работеше во ‘Дрекселмаер‘. Тој живеел во месноста Шорка и ова му била трета жена. Ја малтретираше. Пред некој ден купија санитарија за купатило, по три дена истата беше фрлена во двор и искршена. И децата од маало му пречеа“, велат соседите за СДК.мк.

Од полицијата велат дека нивниот колега го познаваат како мирен и повлечен човек. Куќата во која се случи убиството се уште ја обезбедува полицијата, иако увидот е завршен. Јавен обвинител дал наредба за обдукција на телото, а се очекува за девојката да побара притвор. Ова е прво убиство во Велес во последните четири години.