Катастрофалниот пожар кој избувна синоќа во Ковид-центарот на Тетовската болница во кој загинаа 14 пациенти, не бил предизвикан од експлозија, туку од пламен кој се појавил зад еден од креветите во објектот, дознава неофицијално САКАМДАКАЖАМ.МК од извори на истражните органи.
Според овие сознанија, вработените во Тетовската болница на обвинителите и на екипата од крим техника им кажале дека редоследот не бил експлозија, па пожар како што се појавија првичните информации веднаш по пожарот пред да започне увидот. Експлозиите биле подоцна додека огнот се ширел неконтролирано и брзо низ целиот објект. Најверојатнио експлодирале боците со кислород за поддршка на болните.
Увидот траеше цела ноќ, а трае сè уште во услови кога на тлото има многу вода од синоќешното гасење на огнот.
Според истите извори, од местото на увидот земени се снимките не само од безбедносните камери во болницата туку и од околните објект надвор од тој круг. Во моментов тие се веќе на вештачење за да се види дали надворешен фактор го предизвикал пожарот. Се разгледуваат сите движење наназад со часови и со денови пред трагичниот настан.