Зоран Милески Кичеец имал одобрен прекин на издржувањето на затворската казна во рок од 30 дена, период кој нема да му се засметува во издржаната казна, соопштија денеска од Управата за извршување на санкции.

Тој бил пуштен на 10 август, а надвор од затворот требало да остане до 9 септември. Инаку Кичеец ја издржува затворската казна во КПД од отворен вид во Струга. Побарал да биде пуштен за да оди на лекување, оти, како што навел му била влошена здравствената состојба. За тоа пратил и докази од специјалистички извештаи од прегледи извршени на 06 и на 9 август во ЈЗО Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид.

„Во специјалистичките извештаи е наведено дека пациентот се јавил на преглед поради чувство на забрзана срцева работа, градна болка, дспинеја и видлива агитираност кои се јавиле после интезивен психички и физички стрес, еден час пред преглед. Пациентот поставен на хемодинамски мониторинг, ординирана терапија со ампули Presolol и ампули Cordarone и седација, после која дојде до нормализирање на срцевата фреквенција. Дијагнозата за која специјалистот навел дека е потребно да се продолжат медицински иследувања е „Суправентрикуларна тахикардија“’ и индицирани и закажани се ехокардиоградија, холтер EKG, Холтер ТА, колор доплер сонографија на каротидни артерии, KCT, а препишана е и соодветна медикаментна терапија. Со оглед на фактот дека е потребно повеќедневно испитување, одлучено е како што е погоре наведено, стои во известувањето.

Се бара притвор за Кичеец, осомничен е дека претекнувајќи на полна линија предизвикал сообраќајка со жртва

Причина за тешката сообраќајна несреќа во која седум лица беа повредени, а едно го загуби животот е претекнување на полна линија, наведуваат од ОЈО Гостивар. Заради ваквиот соменеж, за лицето кое го управувало мерцедесот е побаран притвор.

Во соопштение, се наведува дека Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Според ОЈО Гостивар, на 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.

„Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес” со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ” со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг” со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „Мерцедесот” во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг”. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ” кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг”, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди“, се наведува во соопштението на ЈО.

Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, оштетените и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Дописникот на МИА јавува дека, Милески со стражарска придружба како затвореник беше спроведен во ОЈО Гостивар и во зградата на гостиварското обвинителство беше задржан повеќе од пет часа.

Во неделата попладне на магистралниот пат Гостивар-Кичево во близнина на гостиварско Ново Село се случи сообраќајна несреќа во која како учесник беше посочен и Зоран Милески, инаку осуден за случајот „Рекет” на три години. Тој имал прекин во издржување на казната од 30 дена, поради здравствени кардиоваскуларни проблеми, а во затворот во Струга требало да се врати до 8 септември.