18-годишната девојка од Гевгелија која почина од компликации поврзани со ковид-19 е најмладата жртва денеска. Таа била бремена во седми месец и имала коморбидитети, тешко срцево заболување и страдала од редок генетски синдром, објави порталот СДК.мк.

Директорот на Гевгелиската болница Димитар Крџев за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека целото нејзино семејство било позитивно на ковид-19 и дошле во болницата со силно развиени симптоми. Тие се противеле на хоспитализација, но со оглед на тоа што сатурацијата на 18-годишничката била намалена, таа била задржана 24 часа во Гевгелиската болница. Немало подобрување и била донесена одлука да биде итно пренесена на скопските клиники каде што по три дена починала.

Никој од семејството не бил вакциниран.

18-годишничката од Гевгелија е меѓу 31 починат од ковид-19 во последниве 24 часа, а регистрирани се 256 нови случаи од 2.778 тестирања.