Во пожарот кој ја зафати тетовската модуларна болница неофицијално има многу жртви а шпекулациите на медиумите се од 13 до 39 жртви. Неофицијално загинато е цело семејство кое било згрижено во модуларната болница.
-Неофицијално од досегашните информации кои ги добивам од Тетово, во големата трагедија вечерва животот го загубиле меѓу 20 и 30 пациенти, изјави за Фактор директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов. Вели дека болницата е целосно подготвена да прими пациенти оттаму и да им биде пружена сета неопходна нега и лекување.
Информацијата дека има жртви ја потврди и командирот на тетовската противпожарна служба но не сакаше да изнесува бројки. Рече дека извадиле повеќе изгорени тела од пожарот но дека работа на други институции е да ги соопштат бројките.
Тој потенцираше дека пожарот бил пријавен во 21:00 часот, за половина час целосно го ставиле под контрола и покрај тоа што објектот бил цел изграден од пластика и огнот многу брзо се ширел. До 21:45 целосно го ликвидирале пожарот.
– Имаше и експлозии од боците со кислород во собите, пламените јазици беа огромни. Од болницата се изнесуваа и жртви, сведочи заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски.
На социјалните мрежи почна да се шпекулира за причините за пожарот, со акцент на неодамнешното намерно пресекување на доводот за кислород во истата болница што било забележано од здравствените работници.
-Венко Филипче, време ти е за конечна одговорност, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Потпиши си ја вечерва оставката и извини му се на овој напатен народ за секоја жртва.Господ нека помогне во Тетово“ – порача тој.
Модуларната болница во Тетово беше фушерајски направена, со бизнис интереси. Жално и тажно. Распад на системот, истакнува Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.