Ромелу Лукаку не издржа вчера и излезе на улица да ја прослави титулата на Интер заедно со навивачите на овој тим, а денеска, пак, не заборави да го поздрави својот голем „пријател“, Златан Ибрахимовиќ со – сеирџиски твит.

Нивната војна на теренот и со зборови трае подолг период, а прв на социјалните мрежи излезе Белгиецот, по триумфот на Интер над Милано со 4-2, кога напиша дека има „нов крал во градот“.

Швеѓанецот дочека да врати кога Милан победи со 2-1, а двата гола ги постигна токму тој, по што објави на Твитер:

„Милано никогаш немал крал. Милано има само – БОГ“.

Но, Лукаку денеска дочека да поентира со потврдата на 19. титула за „нераѕурите“.

„Вистинскиот Господ го круниса кралот. Сите на колена пред него. Крал на Милано“, напиша белгискиот напаѓач.

Познавајќи го Ибрахимовиќ, ова дефинитивно ќе биде дополнителен потстрек за жестока работа летово, по што треба да се очекува одговор во првата прилика кога ќе има доминантна улога во однос на големиот „пријател“ од Белгија.