Утринава македонската спортска јавност со неверување ја прими веста за прерано згаснатиот живот на поранешната репрезентативка Јулија Николиќ (Портјанко), која почина ненадејно синоќа на 38-годишна возраст.
Како што објави порталот Екипа, извори блиски до трагично починатата обелоденуваат дека срцев удар бил причина за смртта на 38-годишната Јулија, која се враќала од Грција. Кобниот момент се случил во близина на Велес, каде таа останала без свест и починала на лице место.
Николиќ одбележа една ера во македонскиот ракомет и беше една од омилените во дресот на Кометал Ѓорче Петров. Покрај за европскиот шампион од 2002 година, Николиќ беше дел и од ЖРК Вардар.
По завршувањето на кариерата Николиќ остана да живее во Скопје и беше сопственик на свој бизнис.
Последниот поздрав со Јулија Николиќ е закажан за в четврток. Погребот на градските гробишта „Бутел“ ќе биде во 11 часот, а од 10 часот е предвидена комеморацијата во капелата во „Бутел“.