ТВ водителката Јована Аврамовска се породи и за прв пат стана мајка. Таа и нејзиниот сопруг Предраг добија здраво машко дете, кому му го дадоа името Илин. Веста на социјалните мрежи ја објави самата Јована, споделувајќи фотографија од бебето и сопругот со кого пред да стапи во брак, биле во врска.

Инаку, Јована Аврамовска јавноста ја запозна најпрвин како репортер, па водителка во утринската програма на ТВ Сител „Ја сакам Македонија“. Не мина долго време, а новинарката преку ноќ ја снема од ТВ екраните.

Неофицијално – си заминала од телевизијата, (не)официјално, телевизијата „и се заблагодарила“ заради сопствено прегрупирање на кадрите во програмата по пат на „природна селекција!“

Јована како што се појави – така и исчезна, за понекое време одново да ја има на телевизија! Овој пат, како една од главните актерско-водителски ведети на проектот „Фчерашни новости“ , финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Така симпатичната бивша новинарка стана и актерка, која „глумејќи“ ТВ водителка, заедно со останатите од екипата ја забавуваше нацијата која последна ги дознаваше „Фчерашните новости“!

По доаѓањето на СДСМ на власт и востанувањето на тогаш нивната нова влада, Јована Аврамовска осамна на ново работно место… или функција, како сакате. Како нов портпарол на Министерството за финансии на тогашниот министер Драган Тевдовски. Така водителското столче од пред камерата на „Фчерашни“, Јована го замени со фотеља во кабинетот на министерот… или баерем некоја канцеларија до него! „Фчерашни“… за неа останаа да бидат „боља прошлост“, ама подоцна ќе се испостави и „лепша будуќност“!

Се додека не се појави новата министерка Нина Ангеловска, алијас Нина – „Групер“, во чии раце беа предадени финансиите на државата! Тогаш новата министерка за финансии ја реконструираше до(Ф)черашната портпаролка, односно Нина – „Групер“ ја „прегрупира“ Јована Аврамовска назад… во „Фчерашњи“!

Во меѓувреме, Јована стапи во брак со своето момче, сегашен сопруг Предраг и сега за прв пат се реализира како мајка. вистина.мк