На терен се стручни тимови на обвинителството и полицијата задолжени за истрагата за пожарот кој во тетовската ковид модуларна болница кој што однесе најмалку 10 животи на пациенти, известуваат од терен новинарките на Телма Тамара Грнчаровска и Даниела Билбиловска.
Форензичарите и истражителите уште во текот на ноќта ја почнаа истрагата со прибирање на материјали од терен околу болницата во Тетово која изгоре.
Според првичните информации пожарот многу брзо се ширел и ја пеплосал целата модуларна болница. Во внатрешноста се создала огромна температура од оганот кој голтал и уништувал се пред себе.
Од огромната температура на пожарот се уништени дури и металните цевки за водоводот во модуларната, а едно возило кое се наоѓало на неколку метри од болницата било истопено, објаснуваат за Телма извори кои биле во внатрешноста и околу објектот.
Владата најави детална истрага, а на состанокот на кризниот штаб во тетово присуствуваше и државниот обвинител Јовевски.
-Во увидот се вклучени тројца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Тетово, на кои им се придружија уште двајца јавни обвинители од скопското јавно обвинителство. Тимот од петмина обвинители, заедно со екипи од надлежните институции, ги преземаат сите дејствија во насока на утврдување на причините за настанатиот пожар, соопштија од прес службата на обвинителството.
Засега никој не дава никакви детали за можни причини за пожарот. Не е објавена ниту точната бројка на пациентите кои биле згрижени во модуларната ниту бројот на ангажираниот медицински персонал.
Според информациите на Телма, околу 1 часот по полноќ на Институтот за судска медицина се донесени 14 тела на починати од Тетово.