Министерот за здравство Венко Филипче денес на прес-конференција изјави дека си поднесува оставка од функцијата после трагичните случувања во Тетово.

Како причина за повлекување од функцијата, Филипче ја наведе моралната одговорност за пожарот во тетовската модуларна Ковид-19 болница, во кој загинаа 14 лица.

-Сакам да се заблагодарам на сите кои ме поддржуваа во работата. Ја поднесов мојата пишана оставка до премиерот Зоран Заев, рече Филипче.

Тој вчера ја покажа документацијата за набавка на сите вградени материјали во модуларната болница, за кои вели дека биле запазени сите стандарди, но како се одржувала потоа, ќе покаже истрагата.

– Истрагата исто така треба да утврди дали и на кој начин по предавање на објектот во употреба во тетовската болница, истиот бил одржуван и раководен, рече вчера Филипче, додавајќи дека Министерството активно ќе соработува со истражните органи и апелираше тоа да го направат и сите други институции, со цел точно да се утврди што се случило.

По катастрофалниот пожар со 14 жртви што се случи завчера вечер во Kовид-центарот во Тетовската болница, обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска дала наредба денеска Бирото за јавни набавки да ѝ ја достави целокупната документација за јавните набавки за сите 19 изградени модуларни болници во Македонија.

Јавноста уште од моментот на случувања бараше оставка на министерот за здравство.

Покрај него, оставка поднесоа и заменик-министерот Илир Хасани, директорот на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и економскиот директор на болницата, Артан Етеми.