Ми се закануваат дека ќе ме убијат, но јас сум решен да ја кажам вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар, раскажува за ДВ Ибин Емшиу, откако во несреќата ги загуби својот татко и брат. Тој е гневен на вработените во ковид-центарот, но и на политичарите кои, како што вели, се обидуваат да ја сокријат вистината за трагедијата. Тврди дека морал да им плаќа по 1.000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот неподвижен 28-годишен брат кој боледувал од церебрална парализа.
„Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно.” Сумата која му ја побарале била 1.000 денари дневно, тврди Емшиу.
„Секој пациент имаше придружник“
Тој живеел во Италија заедно со таткото и неподвижниот брат. Тие летово дошле во куќата во селото Синичане на годишен одмор, но се заразиле со коронавирус. Откако минале низ вистинска одисеја за воопшто да бидат примени во болница, и Ибин Емшиу морал да допатува во земјата за да се грижи за нив.
Во модуларната болница не бил единствениот кој се грижел за своите најблиски. Вели дека речиси секој пациент имал по некој близок до него и тоа деноноќно.
„Не знам точно колку луѓе бевме внатре. Тој објект беше полн со придружници, кои спиеја таму, значи бевме околу 50 луѓе заедно со пациентите. Сите пациенти имаа придружници од нивните семејства кои ги чуваа деноноќно”.
Во разговор за ДВ, Емшиу раскажува дека во недостаток на противпожарни апарати, огнот го гаселе со пластични садови за вода.
„Противпожарниот систем не мора да биде како во Европа, но да имаше барем апарат со прашина за да го изгаснеме пожарот, ни тоа го немаше. Се обидувавме да го гасиме пожарот со некои пластични садови со вода“, раскажува Емшиу. Тој се обидел да им помогне на своите најблиски, но не успеал ни да стигне до нив затоа што пожарот со молскавична брзина се ширел низ болницата. Забележал дека пожарот започнал под креветот на пациент во собата број 3, и бил придружен со црн чад кој брзо се ширел низ просториите.
„Кога влегов во собата број 3 видов дека има пожар под креветот, и почна да чади, а потоа нешто експлодираше и тоа предизвика уште поголем чад.”
Емшиу вели дека два дена пред несреќата, еден од докторите им рекол дека модуларната болница ќе се затвора, но не ја знае причината за тоа.
Закани по живот
Во Министерството за здравство за ДВ рекоа дека до нив никогаш не стигнала информација за можно затворање на тетовскиот ковид-центар, ниту слушнале за таков план. Оваа информација не можевме да ја потврдиме ниту кај надлежните во болницата. Оттаму, до објавувањето на овој текст, не одговорија ниту на нашите прашања во врска со обвинувањата на Емшиу: дека вработените „им наплаќале“ на болните за негата која ја добивале, и дека во центарот немало никаква противпожарна заштита.
Додека трае молкот на надлежните во болницата, Емшиу тврди дека се соочува со закани по својот живот поради тоа што отворено говори за проблемите.
„Три лица досега ми се заканија: да не давам изјави, да внимавам затоа што ќе ме убијат! Јас би им кажал дека сум тука и нема да бегам никаде. Ако има такви луѓе без морал што можат да убијат невин човек кој го донел својот татко во болница за да се лечи, а го земал изгорен заради нивна грешка, јас сум тука”, вели Емшиу и додава дека, ако треба, правдата ќе ја бара и во Италија каде што живее.
„Таткото и братот што ги изгубив имаат документи и адреса во Италија, и ако треба и таму ќе бараме правда. Луѓето што ги изгубив нема да се вратат, но казни за грешките што се направени во таа болница мора да има. Ќе барам правда до крај“, вели тој.