Почина Пејчо Илиев, долгогодишен гевгелиски бизнисмен, основач на компанијата „Паскалин“. Неофицијално Илиев починал ненадејно од срцев удар, објави Гевгелија нет.

„Гевгелија изгуби голем стопанственик, маркетиншки промотор на вкусовите и плодовите од Гевгелија, спонзор на многу спортски, хуманитарни настани, подржувач на јавни настани и проекти за градот и општината, стои во објавата.

Беше оснивач на компанијата „Паскалин“ и познатиот бренд на кафе присутен во сите домови пред се’ поради извонредниот маркетиншки настап и бројни наградни игри со кои го носеше вкусот на кафето во секој дом заедно со пригодни награди.

Неговите амбиции продолжија во тој тренд да ја задоволува потрошувачката клиентела од Македонија и регионот. Беше основач и на фирмата за производство, дистрибуција на јаткасти производи . Потоа го основаше и трендот на новиот вкус на кафето под име „Евита“ и „Мерак“. Не застана тука, ја продолжи палетата на уживатели на топлите напивки со понуда на топло чоколадо, какао, капучина со разни вкусови и други мерак уживања за традиционалните семејни собирања, бизнис средби, и финале на секој ручек..

Бизнис амбициите не престанаа тука, се усмери и во полето на земјоделското произвоство и заедно со партнери ја основаше и фирмата „Баџо“ за производство на земјоделски култури, за кои изгради најсовремени оранжерии по системот капка по капка, но и со користење на топлите извори за загревање на оранжериските производи од изворите на топла вода кај Смоквица.

Основаше и свој магацин во Богданци, а неостварена амбиција му остана проектот за изградба на Спа центар со хотел со пет yвезди во атарот на Смоквица каде се наоѓаат подземните топли води во Гевгелиско, за што стапи во партнерски однос со фирма од Словенија.

Бројни пријатели, бизнис колеги и партнери денеска испорачуваат проштални пораки до директорот Пејко Илиев, гевгеличанецот кој покажа дека амбициите колку и да се големи се остварливи, со добар план, фокусираност, вистински бизнис потези и партнери кои нема да ве поткусурат.

Гевгелија изгуби голем стопанственик, маркетиншки промотор на вкусовите и плодовите од Гевгелија, спонзор на многу спортски, хуманитарни настани, подржувач на јавни настани и проекти за градот и општината.

Сочувство до семејството и сите кои го почитуваат и вреднуваа квалитетите на овој вреден човек од нашата заедница.