Податоците на Институтот за јавно здравје покажuваат зголемување на бројот на болни деца од почетокот на учебната година. Тоа што загрижува е податокот дека во рок од 14 дена, заболени се 937 деца на возраст до 19 години, а од нив 80 отсто се деца кои одат на училиште. Со други зборови за околу 750 ученици (или 0,31 отсто од вкупниот број ученици кои посетуваат настава со физичко присуство) здравствените власти имале сознанија дека се разболеле од ковид-19, односно имаат позитивен тест, пишува порталот МКД.мк.

Од Институтот за јавно здравје денеска за МКД.мк ги потврдија последните анализи според кои од 1 до 14 септември со ковид-19 регистрирале 937 деца од 0 до 19 години, а од нив 80 проценти се ученици во основните и средни училишта.

Министерката за образование и наука Mила Царовска денеска изјави дека нема промена во бројот на заболени ученици, односно дека и натаму станува збор за 0,2 отсто од учениците кои посетуваат настава со физичко присуство. Пред три дена таа соопшти дека околу 240 илјади ученици посетуваат настава со физичко присуство.

Процентот пресметан во бројки говори за околу 480 ученици кои се активни на вирусот, или со зголемувањето на новозаразени деца за 0,01 отсто, вкупно околу 500 ученици.

Но, податоците на Институтот за јавно здравје пак, говорат за поголема раширеност на коронавирусот меѓу учениците – односно, од 937 деца на возраст до 19 години, 80 проценти се деца кои одат на училиште, или претворено во бројки – станува збор за околу 750 ученици болни од ковид-19.

Ако и ние овие бројки ги претвориме во проценти, излегува дека 0,31 отсто од учениците се активни на ковид-19.