Пред два дена, како изненадување за јавноста дојде веста дека битолскиот поп пејач и и виолинист Димитар Андоновски е кандидат за советник на општинскиот совет Битола, предложен од страна на СДСМ.
На листата има 31 кандидат, а Андоновски се наоѓа на 21-то место. Музичарот е присутен на сцената со години наназад. Уште како дете, настапи на фестивалот Си-До, а од 2003 година започна со учества и на останатите музички фестивали во земјава.
Пошироката јавност го запозна кога беше учесник во тогашната „Плеј потрага по ѕвезда“ на М2 продукција.
-Најдоброто за нашата Општина Битола, објави тој на социјалните мрежи, споделувајќи ја листата со кандидати за советници на СДСМ за Локалните избори 2021, за Општина Битола, на која стои и неговото име.
Околу тоа кој е мотивот на музичарот кој од рано детство е дел од естрадата, да си ја проба среќата во улога на член на Советот, и на кој начин смета дека би придонел во подобрувањето на животот на битолчани, ,,Фокус” разговараше со младиот потенцијален советник.
-Како човек – уметник долго време живеев и функционирав во главниот град поради музичката професија која ми налагаше така. Пред точно шест години одлучив да се вратам во мојата родна Битола.
Тоа го направив само заради тоа што премногу си го сакам градот и сметав дека како битолчанец треба тука да го продолжам мојот живот, да основам фамилија и да придонесувам и да се борам за мојот град како од културен, така и од општествен карактер. И оние кои добро ме знаат, знаат дека сум човек домаќин и дека секогаш се борам за општото добро за сите.
Затоа и прифатив да бидам на советничката листа, со голема верба дека ќе успеам да бидам од корист за доброто на градот. Притоа, познавајќи го кандидатот за градоначалник Христо Кондовски, кој исто така како докажан домаќин, чесен човек, човек кој е докажан бизнисмен, знам дека заедно ќе се избориме Битола да биде град, пример за живот-тврди Андоновски за Фокус.