Листата на заминати лекари од јавното здравство секојдневно се зголемува, а последен на списокот што го напушта бродот што тоне е ортопедот Виктор Камнар, кој е и поранешен директор на скопската Клиника за ортопедија за време на владеењето на СДСМ.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, по долгогодишно работење на скопските клиники, тој својата лекарска кариера планира да ја продолжи во приватната болница „Аџибадем-Систина“.

Само краток период претходно, пет лекари-специјалисти си заминаа од скопската Детска клиника, со која во моментот управува доктор Стојка Нацева-Фуштиќ, а нашите извори тврдат дека уште двајца лекари се во план да си одат. Тоа се само седум лекари за краток период, од кои повеќето одат во болницата на Орце Камчев, додека мал дел заминале во Германија.

Скопската Клиника за детски болести одамна се претвори во „осило“-болница, со нарушени меѓучовечки односи, местенки, борба за директорски фотелји, а сето тоа најмногу удира врз грбот на пациентите или во случајот – децата.

Препукувањата и борбата за превласт ја оставија болницата без лекари/професори, со што во догледно време може да го изгуби и статусот на клиника.

На истата листа може да се најде и скопската Инфективна клиника, каде што одливот на кадар почна уште во времето на страшната ковид-пандемија. И тие подолги убедувања и напрегања, своето финансиско засолниште го најдоа во приватната болница „Систина“.

– Јас со последните сили останав на клиника, трудејќи се да се изборам за тоа што работам и ја градам својата кариера речиси 30 години. Но, колку и да сакаш да се бориш, не ти оставаат можност.

Со смешни плати, понижени, без основни услови за работа, а со тендерски мафии. Вака функционира цела држава, а таму каде што треба да се спаси живот, никому не му е гајле. Ги третираат луѓето како кукли – објаснува за „Фокус“ лекарка што сакаше да остане анонимна.