Сите пациенти кои ја преживеаа синоќешната трагедија кога во пожар во кој до темел изгоре тетовската модуларна болница, се спасени благодарение на медицинскиот персонал, вели за „Слободен печат“ доктор Илбер Бесими од тетовската болница, кој истовремено е и заменик претседател во Лекарската комора.
„Слободен печат“ дознава дека точната бројка на преживеани пациенти по синоќешниот пожар кој избувна во модуларната болница е 12 и сите се хоспитализирани во болницата во Тетово.
Првичните официјални информации од Министерството за здравство се дека досега има 10 починати, но неофицијално, таа бројка е повисока.
Во 21 часот и две минути минатата вечер, пријавено беше дека гори модуларната болница во Медицинскиот центар Тетово. Екипите за неколку минути пристигнале на терен со 30 пожарникари и пет возила. Пламените јазици се локализирани во 21 часот и 30 минути.
На Институтот за судска медицина во Скопје, пренесени се телата на жртвите кои настрадаа во трагичниот настан кој ја вознемири јавноста. Нивните обдукции ќе траат неколку денови, затоа што станува збор за комплексни процедури за кои е потребна поголема екипа.
Петмина јавни обвинители ќе ги утврдуваат причините поради кои настана хаваријата која однесе човечки животи.