„Страшно беше да се гаси пожарот. Семејствата надвор гледаа како нивните роднини горат внатре на плус 800 степени. Чекаа од нас да ги извадиме“. Пожарникарот Игор Симовски се уште не може да се соземе од сликите кои ги видел пред два дена кога го гаснеа пожарот во модуларната ковид болница во Тетово.
Кобниот 8 септември првото противпожарно возило во кој бил и тој стигнало за 4 минути од повикот. Но, она што го виделе било страшно. Целата болница од почеток до крај била во пламен. Немало шанси да влезат внатре – додека не го изгаснат огнот. Тој и уште еден негов колега биле повредени.
„ Електричната енергија не беше исклучена, кислородот не беше исклучен не можеше да се влезе. Се гасеше под голем ризик. Можеше да настрада некој пожарникар од струен удар. Имаше детонација од боци од внатре. Мене ми пукна боца тука кај првото, долу во нозете. Фала му на господ, со опремата стара што ни е 20 години ме спаси долу кај нозете.“ – изјави пожарникарот од ППЕ Тетово, Игор Симовски за ТЕЛМА телевизија.
Ако пожарникар влезел внатре додека гори, заштитната опрема на таа температура може да му помогне само 30 секунди и потоа ќе изгори. Автомобилите што беа надвор беа стопени, замислите што било внатре- раскажува Симовски.
„Првите тела се извадени кога дојдовме ние, од предната страна, што можело. Најверојатно мртви, бидејќи нема жив никој откако дојдовме ние. Кога почнал пожарот тие се спасиле. Другите што останале внатре се починати. Бидејќи пожарот се раширил многу брзо, за минута до две го зафатил целиот објект. Кислородот го зголемил огнот. Кислородот најмалку пет пати ја зголемува температурата внатре. Сигурно имало над 800 степени внатре” – вели Симовски.
Тој е горд на храброста на неговите колеги. Вели знаеја под какви услови работат и каква опасност има внатре.
“Знаеја сите дека струјата е уклучена, уште кога дојдовме пукаа жиците, пукаше саатот и пак продолжија со работа за да го изгаснат. Страшно беше да се работи. Надвор беа семејствата на луѓето кои беа внатре, кои гореа. Страшно беше да се работи. Внатре му гори член на семејство и чека да го извадиш. Навистина беше страшно” – додава Симовски.
Пожарот во тетовската ковид болница беше целосно изгаснат за четириесетина минути. Го гасеа 16 пожарникари со три противпожарни возила.