Тринаесет илјади дози на „фајзер“ вакцини против ковид-19, кои Македонија ги доби како донација од Бугарија ќе бидат уништени како медицински отпад, велат од Министерството за здравство за „Сакам да кажам“.

Од Министерството за порталот не одговараат колку ќе чини уништувањето на вакцините.

На 14 септември во Македонија стигнаа 51.480 дози вакцини, а рокот им беше до 30 септември, што значи дека за прва и втора доза се искористиле 38.480 дози.

Бугарското собрание на 8 септември со 146 гласа „за“ ја ратификуваше спогодбата за донација на 51.480 дози од вакцината на „Фајзер“ на Македонија. Пред гласањето, бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров кажа дека ако не биде дента изгласана ратификација, вакцините нема да можат да ѝ бидат дадени на Македонија.

Изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември, изјави Кацаров тогаш.