Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ утрово изјави дека полицијата уапсила три лица по нападот врз жандармот пред израелската амбасада во Белград, што се случи вчера околу 11 часот. Исто така, Дачиќ истакна дека биле претресени повеќе локации, како и претрес на куќата и станот на Милош Жујовиќ (25), кој е осомничен дека со самострел го нападнал жандармот.

– При претресот на неговата куќа најдовме и потврда. Тој ден пред терористичкиот напад во продавница во Земун купил самострел за 6.700 динари. Се сомнева дека се работи за терористичко здружение, уапсивме и приведовме неколку лица – рече Дачиќ и додаде:

– Реконструирајќи ги движењата на Жујовиќ откако утрото дошол од Младеновац со автобус, тој најпрвин тргнал низ градот во синагогата. Бидејќи полицијата беше таму, тој продолжил и стигна до амбасадата. Од тоа се јасни главните цели – рече Дачиќ.

Министерот за полиција соопшти и дека припадниците на МУП ги уапсиле и Игор Деспотовиќ, Кемал Беговиќ од Нови Пазар, како и Харис Шундо, државјанин на Босна и Херцеговина.

– Деспотовиќ бил во блиски односи со Жујовиќ. Покрај него, приведен е и Кемал Беговиќ од Нови Пазар. Кај него е пронајден елек со знамето на Исламската држава. Исто така, приведен е и Харис Шундо, државјанин на Босна и Херцеговина, кој нема одобрена дозвола за престој и ќе му биде наредено да го отстранат од Србија – додаде Дачиќ и објасни што е пронајдено при претресот на куќите на уапсените екстремисти.

– Во куќата на едно од лицата кои биле предмет на претресот, пронајдена е снимка на која тој со нож се заколнува на верност на Исламската држава. Обвинителството вели дека нема кривично дело, но мислиме дека тоа е кривично дело – изјави Дачиќ.

Дачиќ прикажа и видео кое е пронајдено при претресот на куќата на еден од осомничените, на кое се гледаат ножеви и знамето на Исламската држава.