Истрагата за трагедијата во тетовскиот ковид-центар во која загинаа 14 луѓе е во тек и сѐ уште нема никакви официјални информации за тоа што го предизвикало катастрофалниот пожар. Сведочењата на очевидци и пожарникари кои биле на местото на несреќата укажуваат дека во пресрет на пожарот била користена медицинска опрема која веројатно ја фрлила првата искра.
Од видео-снимките од безбедносните камери за време на несреќата можеше да се забележи дека огнот се ширел со огромна брзина и притоа предизвикува и неколку експлозии.
Експертите се согласни дека единствено големото присуство на кислород во воздухот можел да придонесе за таквиот драматичен тек на настаните во Тетово, ноќта на 8 септември.
За тоа каква е разорната моќ на кислородот во вакви ситуации предупредуваат повеќе светски и европски организации уште од почетокот на пандемијата кога започна напливот на пациенти на кои им е потребна кислородна поддршка. Европската асоцијација за индустриски гасови (ЕИГА), со седиште во Брисел, во февруари годинава издаде препораки за користењето на опасниот гас во болнички услови. Според извори на ДВ, истите препораки им биле доставени и на сите болници низ земјава уште минатата година. Колку се почитуваат, не е познато.
Според овие предупредувања, опасноста не е само во кислородните инсталации од кои понекогаш протекува гасот, туку таа е зголемена и поради тоа што ковид-пациентите во третманот добиваат ткн. кислород со висок носен проток (HFNO) со кој се дистрибуира и до 60 литри кислород на минута.
Понатаму, се предупредува дека системите за вентилација веројатно нема да бидат во состојба да одржат атмосфера без збогатено ниво на кислород. За таква атмосфера се смета онаа која содржи над 23,5% кислород во воздухот. Според сознанијата на ДВ, освен Клиничкиот центар во Скопје, во ниту една друга болница во земјата нема апарати или сензори кои го мерат количеството на кислород во воздухот во просториите.