Постоење на насилство од страна на директорот на ООУ Лазо Ангеловски во Скопје кон вработена во истото училиште, утврди Граѓанскиот суд во Скопје. Пресудата е резултат на тригодишна борба на вработената преку нејзиниот полномошник, адвокатката Марта Гусар.
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2019 објавија извештај во кој побараа институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот на ООУ Лазо Ангеловски. Во извештајот беше побарано: надлежните институции, особено Министерството за образование и наука и Општина Аеродром да ги испитаат индициите и да постапат според истите, имајќи го предвид најдобриот интерес на детето и водејќи се од начелото дека заштитата и превенцијата од родово заснованото насилство и насилството врз жени и девојки треба да биде императив во образовниот процес. Сепак, и покрај сите укажувања, директорот сѐ уште е на својата позиција во училиштето, а вработената во текот на оваа година добила отказ.
Вработената во ова училиште, после сите обиди да ги заштити нејзините права на ден 25.02.2021 година преку адвокатката Марта Гусар, до Основен Граѓански суд Скопје, поднесува Предлог за изрекување на времени мерки за заштита од родово базирано насилство – домашно насилство, поддржано и од страна на ЈУМЦСР на Град Скопје со предлог за изрекување на времени мерки за заштита, против директорот Перо Арсеновски од Скопје.
По спроведување на судска постапка од страна на судот констатирано е постоење на насилство од страна на Перо Арсеновски со што изрешени се времени мерки за заштита од семејно – домашно насилство, како спрема вработената, така и спрема членовите на нејзиното семејство и двете малолетни деца кои впрочем се ученици во истото училиште.
Изречени мерки: му се забранува на Перо Арсеновски да се заканува дека ќе стори семејно насилство, му се забранува на Перо Арсеновски да ја малтретира, вознемирува и да врши семејно насилство врз неа, му се забранува да ја вознемирува и телефонира, му се забранува да ги вознемирува членовите на нејзинот семејство, и двете малолетни деца.
Времените мерки се изречени во времетраење од 6 месеци, започнувајчи заклучно од 02.09.2021 година, а жалбата не го одлага извршувањето на ова решение.
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравуваат оваа одлука на Граѓанскиот суд во Скопје и ги потсетуваат институциите, особено локалната власт, дека образовните институции и средини не смеат да го толерираат, игнорираат, а уште повеќе поддржуваат родово заснованото насилство.