Нова снимка снимена во моментот на избивањето на пожарот во тетовската модуларна ковид болница во кој директно загинаа 14 лица се појави на социјалните мрежи, и на која се слушаат неколку експлозии, веројатно предизвикани од доводот на кислород за потребите на пациентите во болница.
Видеото објавено на Фејсбук страницата Pa Censurë (Без цензура) е снимено од очевидци, од другата на страна на реката, карши болницата и сведочи дека за многу кратко време, по серија на експлозии, објектот целосно пламнува.
Пожарот изби во средата на 8. септември, во вечерните часови и за неколку моменти ја зафати целата болница, од која успеаја да се извлечат живи 12 лица. Пожарникарите кои пристигнаа веднаш на местото на пожарот, беа немоќни да ги спасат лицата во болницата, туку само да го изгаснат пожарот кој ја зафати целата болница.
Ден по ужасната трагедија, поради изгубените животи и прашањето за безбедноста на пациентите болни од ковид кои се на болничко лекување, оставка поднесе министерот за здравство Венко Филипче како и неговиот заменик Илир Хасани и двајца директори од тетовската болница.
Останува на премиерот да одлучи дали ќе ја прифати оставката од министерот Филипче кој ја даде од морални причини. Премиерот Заев рече дека ќе го почека исходот од истрагата за точно да се лоцира одговорноста за загубените животи во ковид болницата во Тетово.